Friday, October 28, 2011

Break-a-leg!

Aко се затрчаш многу, а досега не си се осмелувал/а, утредента кога ќе се разбудиш, ќе боли.
Ако се откажеш и престанеш, телото ќе се залечи по некое време и болката ќе престане. А следниот пат, ќе ти се случи истото. Затоа, не се откажувај. Утредента, трчај уште повеќе. Двојно повеќе. Но затоа знај дека следниот ден и ќе боли двојно повеќе. Но сепак, не се откажувај – следниот ден веќе, болката ќе се откаже од тебе. Телото ќе се навикне на предизвикувачот на болката и ќе стане посилно. Ќе може да издржи повеќе...

Сфатете го овој текст како сакате. Преточете ја оваа парабола во физички, љубовен, или пак кариерен пример. Како и секоја ѕвонеста крива на дистрибуција која речиси секаде ја следи истата патека, така и ова [не]пишано правило, се аплицира на многу потсистеми од вашиот мал универзум. Она што нема да те убие, прави огромна грешка... не J. Она што нема да те убие, навистина те прави посилен. Откриј дали навистина постои значење на изразот „не можам“ или тоа е само уште една алтернатива на значење кое се крие позади изразот „не сакам“. Тренирај го своето тело и својот ум. Својата толеранција, своите рамки на сфаќање и прифаќање и проширувај ги своите граници на издржливост и рецепција. Прошири ја својата љубов, своето срце, својот круг на пријатели. Своето знаење, своите јазици, своите медиуми, своите можности... Скрши ја болката, нека пукне од мака и продолжи да се пробиваш низ нејзините пукнатини.

Wednesday, August 24, 2011

Во блиската далечина

„Во блиската далечина, нешто црно се белееше...“

Оксиморон е, исто како и апсурдноста на фактот дека секогаш сакаме да го дофатиме она што ни е далеку. Далечината е секогаш посакувана, егзотична, во сите нејзини димензии. Географска, временска нанапред и наназад, возрасна...

Обожаваме што подалечни дестинации, жалиме за далечното време поминато, сакаме да можеме да нурнеме во иднината...

Далечината е релативна големина. Не апсолутна. Затоа и секогаш мора да постои од својата точка на гледање и споредување. Како и фатаморганата. Ако се стигне таму каде што треба да се дофати нештото кое е далечно, тогаш веќе не постои. Или постои нова далечина, па и во обратен правец. Се анулира со претходната.

Дали е правилно и здраво да си поставуваме далечини, кои потоа кога ќе ги достигнеме најверојатно е дека ќе се претворат во разочарувања? Јас сум поборник на тврдењето е дека секој човек треба да си зацрта цели и потоа да знае кон што се движи. Меѓутоа, цел единствено во некоја своја наредна, проектирана, подобрена состојба. Кога целта е дефинирана само од далечината, тогаш нешто „смрди“. Како можеме да ја препознаеме таквата „лажна цел“? Треба да ги разгледаме сите бенефити на денешната и пренесената (во далечина) состојба и да ги споредиме тие релативни вредности. Што ќе добиеме со пренесувањето и дали ќе изгубиме апсолутно сé од тоа што имаме денес? Дали имаме шанси да се вратиме назад или да ги понесеме со нас сите работи кои досега сме ги стекнале? Тоа е опортунитетниот трошок на далечината, во било која димензија. Ако веќе се одлучиш да ја достигнеш, пресметај што и колку можеш да жртвуваш заради тоа.

Tuesday, August 23, 2011

С[о]вест

Фала му на Бога што постојат законите, па на тој начин има и добри и совесни луѓе. Не верувам повеќе во човековиот морал, или интегритет. Единствено постои стравот од санкција. Или пак онаа анализа на трошковна ефективност која постојано ја пресметуваме пред да направиме нешто. Освен казнувањето со сто камшици кое го предвидува Куранот, не постои закон кој казнува против неверство, па тоа се прави секојдневно. Каде е тука моралот?

Моите другарчиња помислуваат два пати дали да се напијат бар едно пиво кога се излезени со кола. Не заради тоа што можеби едно пиво ќе води кон уште едно и така натаму, па ќе претераат со пиење и возењето со нив нема да биде толку безбедно, туку едноставно знаат и забележале дека во тој и тој дел од градот во тој дел од ноќта има полиција, па може да им подари добра казна, која не можат да си ја дозволат. Е тука е онаа трошковна анализа која претходно ја напоменав.

Или пак, фрлањето на отпушоци на улица. Зошто пред година-две, никој не размислуваше да го фрли отпушокот некаде каде што ќе биде соодветно исфрлен и нема да и наштетува на околината, или пак, ќе биде безбедно и нема да предизвика никаков пожар. Ете ја цената на нашиот морал. Педесет, сто евра. Ништо помалку.

Возењето брзо, кое порано можеше да чини само многу животи, сега не чини нам многу скапо, затоа не можеме да си го дозволиме. А кога станува збор за убиствата, верувам дека би се случувале уште почесто, секому од нас, доколку не постоеше најголемиот страв од доживотна робија. Верувам дека луѓето кои го прават тоа си ја направиле својата „трошковна пресметка“ која не секогаш е материјална, или пак смислиле добра приказна за „непресметливост“ или „самоодбрана“, подучени од американските „блокбастери“. Или пак, со причина се сомневаат во државното судство. И тогаш тргнуваат во „поход“.

Tuesday, August 16, 2011

Just the way you are!

„Го сакам дечко ми бидејќи тој ме сака таква каква што сум. Никогаш нема замерки за мојата фигура – ми вели дека сум совршена! Го сака мојот задник, не му смета стомакот! Не му смета што не сум фарбана и шишана веќе цела година, нити пак ако малце „буцкам“...

Го сакам дечко ми бидејќи нема замерки за моето готвење – омлет, пита, лазања, што и да е! И кога и да го „утнам“ рецептот, нему му е вкусно!“

Кој не би посакал ваков дечко? Оние кои не сакаат да „залегнат“ во конформизмот на тоа совршенство креирано во неговите очи дотолку што ќе паднат многу под просекот. Релативно „совршената“ фигура, без одржување по некое вреќе ќе стане „поголемка“, заедно со задникот и стомакот, косата ќе стане сé позапуштена... Веќе нема да ни биде важно како сме облечени, што и колку јадиме... сé до кога? Кога ќе нé остави тој „слаткоречив“ дечко затоа што навистина не сме веќе она во кое „фрлил око“, или пак, кога ќе погледнеме некои стари слики каде сé уште има траги од сега „деактивираната бомба“. Добро е ако е само второто без првото.

Што се однесува до готвењето, кое може да биде аналогија на многу други работи, ќе нé затвори исто така во еден конформизам каде никогаш нема да се трудиме да бидеме добри, или, во случаи на голема заблуда, навистина добри – нема да бидеме предизвикани да учиме, да се подобруваме, ќе тапкаме во место, или после извесно време, ќе се најдеме многу просечни, слаби, незнајни, кога сите други отишле чекори напред! Па тогаш, што е подобро, да најдеме некој кој ќе не сака и прифати такви такви што сме, или некој кој ќе нé сака сé подобри, така што постојано ќе нé мотивира да се усовршуваме? Убаво е да ни речат: „Денес изгледаш навистина посебно“, кога знаеш дека за тоа “денес“ си вложил/а многу труд и понатаму ќе знаеш во која насока треба да се развиваш! Да се разбереме, не го правиш тоа за него/неа, го правиш тоа за себе! За да се чувствуваш убаво, посакувано, да бидеш полн/а со самодоверба, да произведуваш енергија!

Friday, August 12, 2011

Дечкото и/на мојата најдобра другарка

Eдната другарка: „Таман мислев дека тој е вистинскиот, кога таа го одзема од мојот живот! А беше толку прекрасно: излегувавме заедно, одевме по журки, одевме на одмор заедно, тој ни пушташе музика или ни правеше коктели, или пак, можеше да не внесе во сите дискотеки „преку ред“ бидејќи се знаеше со тие на врата, не сликаше... ах, времиња! А сега, тој е само минато. Само епизода. Да не се разбереме погрешно. Не говорам за ПРЕВЗЕМАЊЕ, туку за ОДЗЕМАЊЕ! Тој ми беше навистина пријател, беше забавен, фин дечко! Понекогаш не возеше со кола.... а сега можеби веќе никогаш нема да го видам! Готово, не се врзувам повеќе... за никој од дечковците на мојата најдобра другарка. Сега таа има нов дечко, но јас сум скептична, затворена, никогаш повеќе нема да биде исто! „Not another dad, mummy!”A таа, заедно со мене се надева дека овој е ‘keeper’!“

Другата другарка: Мразам кога другарка ми постојано ми зборува за мојот бивш дечко, убедувајќи ме колку е фин, колку сме си одговарале, па како се виделе во диско и збореле за најновата книга за Хари Потер... си одговара со мене или со нејзе? И, како воопшто може да стои со него? Кога со мене тој се разминува и не прави муабет? Таа ме напаѓа како јас да сум крива за сé! А знае зошто го оставив и знае како се однесуваше со мене. Да поминам преку сето тоа само затоа што нејзе и се допаѓа? Па нека оди тогаш таа со него, па нека види каква тортура претставува тоа! Понекогаш си размислувам на чија страна е таа? И чија другарка навистина е? Па уште гледам и му лајкнала слики на фејсбук и постојано си коментираат на статуси. А со мене тој и нема никаква комуникација. Леле, ги сликале синоќа заедно за Кадевечер! Епа, на здравје Хари!“

Wednesday, August 10, 2011

За љубовта и другите демони

Љубов без секс или секс без љубов? Или уште позагадочно: љубов заради секс или секс заради љубов? Дали љубовта зависи од сексот или тој од љубовта? Дали можеме да бидеме во заблуда и да го квалификуваме сексот како добар само затоа што некого силно го сакаме, или пак обратно, да не можеме да ја преболиме некоја „љубов“ затоа што сексот бил фантастичен?

Ајде да почнеме од почеток: што е фантастичен, добар секс? Оној со повеќе слобода, отворен за нови комбинации, пози и експерименти, оној каде се чувствувате слободни да комуницирате и да ги изразувате своите желби и фетиши, а не само да ги следите желбите на партнерот? Или пак, добриот секс го поистоветувате со водењето љубов, оној исполнет со страст и емоции, како кулминација и вулкан каде се слеваат сите ваши чувства? Дали во сексот учествуваме со умот или со телото? Дали партнерот кој толку многу ни значи и со кого беспрекорно се согласуваме треба да го оставиме, или пак доколку не го сториме тоа, со текот на времето чувствата ќе ни избледнат и ќе побараме страст на друго место, доколку сексот не е добар? Или пак, обратно, ќе се навраќаме на некого, мислејќи дека тоа е човекот/жената на нашиот живот, само затоа што се случило неколкупати да западнеме во бесрамен, животински, неколкучасовен секс?

Како успевате да ги дестилирате едната состојка од другата, за да бидете свесни на што се заснова вашиот однос?

Многу прашања поставив – а ниедно не одговорив. Можеби може некој од вас? Повелете!

Friday, August 5, 2011

„Подметни“ малку љубов!

На девојките ќе им откријам една тајна која исто важи и за момците кога сакаат да освојат, повеќе да задржат девојка. Но, пред да почнеме, треба да го прочитате претходниот пост со наслов Бумеранг!

Па така, за да ве убедам дека љубовта е најголемиот егоизам што постои, ќе употребам една мисла на Алдус Хаксли, автор на книгата „Прекрасен нов свет“, која доколку не сте ја прочитале досега, нека ви биде следна на листата (може и да ја позајмам некому, гордо ми стои на полица)! Имено, тој вели: „За неговото куче, секој човек е Наполеон, оттаму постојаната популарност на кучињата.“

Што ни кажува ова? Дека човековото самољубие може да оди дотаму да прерасне во зависност од сите слатки зборови кои ни ги кажува другата половина, па после разделбата да ни биде тешко да се откажеме од тоа...

Затоа, инвестирајте предвреме во вашата врска, со тоа што на вашиот сакан/а ќе му кажувате постојано колку е добар, прекрасен, колку убаво изгледа и се’ друго што ви се допаѓа кај него. Не штедете на зборови, не сметајте го тоа како пораз нанесен од вашиот Наполеон, туку како градење тули кои ќе биде тешко да се срушат одеднаш.

Меѓутоа, не претерувајте, односно бидете искрени, затоа што многу повеќе штета отколку корист ќе и нанесете на личноста која е вашата конквистадорска цел кога ќе ја ставите во заблуда дека е совршена личност. Ваквата приказна има два исхода: едниот е да се создаде парадигмална вертикална разлика помеѓу вашите позиции со тоа што вашата „сродна душа“ ќе сака да се откине од вашето соединение и да побара некој кој е исто толку совршен, а другата, полоша варијанта е, целосно да падне на дно кога ќе открие дека тоа било само ваша проекција која не се совпаѓа со објективното мнение во социјалната околина. Тоа се случува ако некогаш вие го оставите вашиот партнер. Тогаш настанува периодот на агонија, како и кај секоја друга зависност. Тогаш ќе почне да се обвинува и казнува и за најмалата направена грешка, да се смета ништожен молејќи за било каков убав збор, за уште еден грам од „дрогата“ на која сте го навлекле...

Затоа, ова е оружје кое треба внимателно да го користите, умереноста е секогаш доблест бидејќи не води кон крај[ност]!

Thursday, July 14, 2011

Бумеранг

Повторно се навраќам на својот постулат дека егото е најголемата љубов која човека може да ја негува, а можеби и единствената љубов која ја познава. Љубовта кон себеси. Не постои љубов кон другите луѓе, затоа што ги сакаме единствено оние кои нам не почитуваат, се љубезни кон нас, а тоа, доколку ја отстраниме другата личност како интермедијарна, тогаш стрелките ги враќаме полукружно назад кон себеси.

Затоа и се чувствуваме повредени кога некој ќе не остави, не можеме да поднесеме пораз. Ние не жалиме заради загубата, не жалиме што таа личност не оставила и повеќе ја нема во нашите животи, што повеќе не го делиме секојдневието со неа и не чекориме повеќе во меѓусебно поимање како симбиоза од чувства, туку единствено не можеме да се помириме дека не сме повеќе предметот на интерес, на внимание, не сме повеќе пожелни, величани, воздигнувани на пиедесталот кој можеби и не сме го заслужиле, но сме го прифатиле слепо, со превез од обземеност, повторно од себеси.

И токму затоа и секогаш знаеме да најдеме изговори за оние што не повредуваат, за да им простиме, за да им дадеме повторно шанса. Не затоа што ги сакаме, туку едноставно, мораме да го оправдаме својот избор. Не можеме да признаеме дека сме згрешиле, сме ја одбрале погрешната личност. Не можеме да се откажеме од своите принципи. Ете дотаму оди човековото самољубие. На крај, другите околу нас не се ништо повеќе, туку едноставно средства за себедокажување.

You got served!

Честопати ќе го чуете како мото на денешницата: “Life is a journey, not a destination.” Ова е голема вистина и не е никакво измислување на топла вода. Постоело како животна филозофија отсекогаш, само што трендовите денес се се повеќе свртени кон комерцијализација на важноста на добриот, здрав и богат живот во секоја смисла.

Во најекстремни рамки, крајната дестинација ја знаеме сите. Порано или подоцна, таму одиме сите. И секако дека е важно какви резултати ќе постигнеме, што ќе создадеме, што ќе оставиме зад нас, но симболиката за резултатот е занемарлива во креативното оценување. Многу е поважно решението, т.е. патеката која е одбрана за да се стигне до саканото решение. Самото решение на задачата многу полесно може да се ископира, а остатокот од листот да остане празен, заедно со сите алгоритамски полиња кои секвенцијално треба да се пополнат. И тогаш вашиот животен испит ќе се оцени како невалиден, а животот понекогаш не дава поправен.

Кога одите некаде, обѕрнете се наоколу. Дрворедите ви подаваат раце додека чекорите, цветовите на нивните гранки ви го осветлуваат патот, а птиците ве послужуваат со слатка мелодија. Тоа е она што е важно, тоа е она што ќе остане врежано во вашето сеќавање. Тоа е дел од вашето искуство. Замислете си го животот како услуга која ви е овозможена, а светот е услужната компанија која со физичките елементи на средината сака да направи истата поопиплива за вас, а искуството незаборавно. Затоа живејте со секој свој потег, со секоја ваша одлука и не жалете! Се што правите го правите со некаква причина и правите нова бразда која ќе ве донесе до вашето единствено решение на равенката која ви е напишана на празната табла на животот. Не брзајте! Не поместувајте се од овој момент се додека не го исполните целиот квадрат од алгоритамот од кој понатаму треба да одредите насока. И обојте го! Бојата е онаа која најмногу им дава живост на работите, им дава впечатливост и сетилно уживање...

Thursday, June 9, 2011

Goodbye kitty!

Кога бев мала, сакав да имам маче. Мајка ми се противеше на секакво напоменување на таа идеја, но јас не се откажував. Еден ден донесов дома мало маче и му направив куќичка од картон, послана со мало ќебенце. Мислев дека мајка ми ќе го засака исто како и јас веднаш штом ќе го види, па ќе мора да се помири што заспаната убавица се беше вдомила веќе.

Но се излажав – немаше начин да ја натерам да живее со животно, но ми дозволи да си поиграм со него две недели, па после да го вратам на претходниот сопственик. Целата во солзи, не сакав ни да си замислам колку поблиско ќе го чувствував тоа мало крзнено клопче за тие две недели, па решив да го вратам веднаш.

Верувам дека инволвирањето во било каква релација со било какво суштество, не е ризик од кој само јас стравувам. Сигурно многупати сте сакале да направите некој кулинарски специјалитет и сте потрошиле два – три часа за да го добиете токму оној вкус кој е неодолив и притоа сте го декорирале и сервирале беспрекорно, за на крај да биде изеден за не повеќе од 5 минути. Дали не мислите дека би заштедиле многу повеќе од вашето слободно време кога би отишле во ресторан, или кога би каснале нешто набрзина, затоа што сепак, јадете за да преживеете, а не живеете за да јадете. Зошто тогаш би се труделе околу нешто кое знаете дека нема да остане? Нема ни долго да трае, така е и со врските. Свесни сме дека имаат рок на траење. За некого се долги и сериозни веднаш штом поминала половина година, а за некого пак година-две, но сепак, не можат да траат вечно. После три, четири, пет или шест години, чинијата одеднаш може да биде празна, да не остане ниту трошка како доказ дека нешто сте подготвувале, дека сте декорирале, нема да остане ниту мирисот, ниту бојата на кари, ниту ливче магдонос...

Или пак мајка ви ќе ви рече дека време е да се разделите со вашето милениче. Подобро воопшто да не сте ја почнале таа врска. Тогаш нема да има солзи, нема да има разделби, нема да губите време, нема да губите делови од вас, преточувајќи ги во некое дело, што секако го правите со љубов, го правите со задоволство, уживате во тој труд, во својата внесеност. Затоа купувајте готова храна и, уживајте во животот!

Back to black

Персонификација е стилската фигура преку која ние, на мртвите тела им даваме човекови особини. Најпрепознатлив пример за тоа се басните, во кои, преку симболи на карактеристиките на животните ги препознаваме луѓето – итар како лисица, силен како лав...

Лисицата не може да биде итра! Таа е животно, живее во синџир во кој мора да се исхранува, мора да биде препредена за да улови плен. Човекот не мора да го прави тоа. Тој не мора да биде итар, не мора да биде препреден, не мора да гази преку лешови за да го добие она што го посакува... Постои размена, постои монетарна вредност за предметот на размена, постои разбирање. Разбирање кое животните не го познаваат.

Она што не разликува од животните е токму способноста за резонирање, способноста за говор. Способноста да изразиме некому љубезност, сочувство, да бидеме искрени со некого, да насмееме некого.

Каде сме научиле да играме игри? Каде сме научиле да глумиме, да се преправаме, да лажеме и да напакостуваме? Дали човечкиот род од секогаш ги распознавал овие особини и ги именувал, или пак модерната цивилизација ги донела заедно со литературата?

Модерните филозофи суштински ја изменија старата латинска изрека Homo homini lupus est, велејќи дека: „Човек на човека е човек” – со право, крунисувајќи го човекот како ултимејт ѕвер. Најлошото нешто што на човека може да му се случи, тоа е друг човек. Колку и апсурдно да звучи, навредувајќи ги нашите далечни предци кои не ги познавале човековите недостатоци, ве молам луѓе, не бидете примитивни, не бидете ѕверови! Бидете искрени, бидете љубезни, бидете добри. Не се воздржувајте, разговарајте со оние кои не ве разбираат, наведете ги своите мотиви. Не ги повредувајте оние кои ве сакаат, потрудете се, од дното на своите срца, да бидете луѓе. Родени сте како луѓе и тоа е товарот на денешницата, кој сте должни да го понесете!

Такси

Интересно е како возачите на такси кои се наредени во колони насекаде каде што поминуваме, мислат дека е доволно само да не погледнат подолго, или да ни кажат некоја дестинација и ние веднаш ќе отрчаме да влеземе во такси. Тие викаат, излегуваат од возилата, постојано не потсетуваат за градови каде би можеле да одиме и само доколку би поминале покрај нив, би забележале како возачот веднаш ќе ја згасне цигарата, ќе го затвори прозорецот, ќе го запали моторот, а ние само безмилосно ќе ги одминеме. Најчесто сето тоа ни оди на нерви и помислуваме: „Тоа не е производ кој може да не заинтересира, тоа е едноставно потреба за превоз. Ако ми треба такси, не ми треба убедување, едноставно ќе влезам во кола и ќе ја кажам саканата дестинација.“

Истото се случува и со жените, кои мислат дека доколку го погледнат некого подолго време, или поминат покрај него, тоа ќе биде доволно за тие да бидат забележани, а потоа веднаш да бидат со него „среќни засекогаш“. Она што ние не го сфаќаме, слично како такси-возачите, е дека ним не им треба превоз. Тие сакаат да одат пеш, да прошетаат, да видат многу луѓе, да сретнат многу жени. Сакаат да го доживеат светот, а не да го поминат набрзина гледајќи го низ прозорецот на некое возило кое внатре е можеби удобно, но однадвор изгледа правливо и непривлечно.

Аналогијата е јасна – не можеме да привлечеме потрошувач доколку кај него не постои јасно изразена потреба за производот или услугата. Точно е дека маркетерите можат да создадат потреби – но тоа се прави на суптилен начин. Сé друго може да предизвика спротивен ефект, да предизвика уште поголема свесност за НЕпотребноста, слично како и отсуството кое е најголемиот доказ за нечие присуство, како кога светлината им дава одраз на нештата, кои не се ништо повеќе, туку сенки. Можеме само да чекаме во сенка, или можеме да зрачиме. Не мора да говориме, можеме само немо да постоиме. И тогаш, по некое време, сигурно ќе влезе некој патник и ќе ја каже својата дестинација.

Wednesday, June 1, 2011

Ц-мол

Изведбата на едно музичко дело може да се поистовети со театарска претстава – музиката е текст самата за себе, а не само поддржувачка сценографија. Актерите знаат дека соживувањето со улогата е најесенцијалната карактеристика на изведбата – а бонус за самите нив како базичен ресурс би биле чувствата произлезени од моменталната состојба во која се наоѓаме. Сепак, не можеме да го издвоиме актерот од самиот човек, ниту пак актерот да го спречиме да интерферира во секојдневното човеково општење. Ако можеме да ја пронајдеме тагата длабоко во себе, тагата што некогаш сме ја чувствувале, или пак, уште подобро, ако остатоците од неа се се уште свежо погребани, ќе можеме да ги откопаме тие реликти и да ја оживееме уметноста, да и дадеме вистински сјај. Да воспоставиме една совршена комутативност помеѓу нас и уметноста, на која што таа ќе ни возврати со тоа што ќе ни даде штит, ќе ни даде покривка со која ќе не покрие, но сепак ќе ни го подаде в раце врутокот во кој слободно би можеле да ги излиеме сите наши чувства, на сметка на ликот кој го играме.

Но како обсерватори на нечија изведба, особено во областа на музиката, нејзиниот квалитет треба да го восприемаме не само степен на емоционална опфатеност, туку и да бидеме критични кон прецизноста на техничката изведба, издржаноста на тонот, на што музичарот би можел најмногу да се посвети доколку се дестилира од сопствените чувтсва и музиката ја доживее само како нешто што умее добро да го прави. Сите дурови и молови, сите тенута и вибрата, се само наша умешност и световна уметност, нешто што го правиме професионално добро... Делото е совршено изведено, со целосна ментална и физичка посветеност, без да бидиме заведени и изманипулирани од чувтсвата, од внатрешните превирања. А тогаш, изведбата не е само случајно поклопување на состојбите, туку е вистински квалитет.

Простата аналогија на сето ова би било чувството на моќ, трезвеноста на размислувањето, чувството на сигурност кога ние ги држиме конците во свои раце, конците на сопствената марионета. И по кој пат тоа ќе го потврди Тони Парсонс, велејќи: „Моќта ја има тој на кого врската не му е толку битна.“ По овој рецепт, можеме да посегнеме по заклучокот кој на многумина нема да им се допадне: ако ги апстрахираме чувствата како небитни и застранувачки, можеби и ќе постигнеме подобар квалитет во односите со луѓето.

Friday, May 13, 2011

Пеколот

Во својата оригинална смисла, поимот “платонска“ постоел да ја означи онаа вистинската, чиста љубов, љубовта која единката ја носи во себе, но сепак страстна, не онаа која е базирана на сексуален интерес спрема саканата личност, туку повеќе на спиритуална трансмутација на силата на спротивниот пол, отворајќи се кон пошироки пространства на скриено уживање отколку едноставно сексуално задоволство. Нејзини најголеми поклоници биле ренесансните уметници: Данте, Петрарка, Бокачо, кои својата „преродба“ ја нашле токму во ваквото изразување на љубовта, па затоа и буквално може да се нарече иконопоклоништво – затоа што се работи на слепо обожување не на личноста која е предмет на нивната љубов, туку на сликата – сликата која тие ја создаваат во своите очи, благодарение на совршеното функционирање на човековиот ум – виртуоз за создавањето илузии, притоа таа “икона“ вдахнувајќи ја со живоста на боите на нивните уметнички чувтсва.

Сме ја погледнале ли целата приказна од поинаков агол, сосем од спротивната страна на огледалото? Сме се запрашале ли некогаш која е приказната на Беатриче, која е свесноста на Лаура за постоењето на Франческо? Дали тие знаеле дека постои некоја душа која на толку уметнички, фанатичен начин може да ги преточи своите чувства во таа лирика од која ни се чини дека во секој момент може да потече музика, музика која ќе ни ги расече срцата од очај, очај кој се влева во естуар на љубовна агонија. Кога би можеле со времеплов да се вратиме и одново да доживееме се, да навлеземе во димензиите на секоја сцена, во најмалите ни оддалеку блиски средби кои тие ги опишуваат, но кога би ги раскажале во име на другата страна, за да видиме дали и тие ги доживувале на истиот начин. Истите средби, сретнувањето на погледите, случајните допири, немите воздивнувања. Тогаш, можеби би се разочарале кога би дознале дека би морале сето тоа да го изоставиме, затоа што во очите на другиот лик тие сцени и не постојат. Би морале да ги претставиме како едно сувопарно изнесување на рутински, секојдневни настани. И тогаш, за да биде стилски „побогато“ нашето животно „дело“, би се вратиле на нашата пасија – нашата уметност, за да не ги разочараме читателите, за да оставиме вредно дело зад себе, нешто што ќе се памети.

И навистина, животот е приказна која ние ја пишуваме додека чекориме газејќи ги нејзините страници. И секако дека не би ја пишувале во друго лице, затоа што ние ја носиме убавината, ние ја носиме љубовта, во нас. Непресушливиот вруток е нашето срце, кое го користи јазикот на умот и телото и твори неуморно, додека страниците не се искинат од нашите цврсти, правливи ѓонови.

Alter ego

И повторно се навраќам на Едгар Морен – неговите филозофии постојано одѕвонуваат како базичен ритам, кој го води секое понатамошно додавање на мисловни семплови. Во својата книга „Љубов, поезија и мудрост“, тој ќе рече: „...љубовта е нашата највистинска религија, но истовремено и нашата најголема ментална болест“. Ако ова го поврземе со зборовите на Џонатан Свифт „Се сакаме оти слабостите ни се исти“, ќе ја добиеме вистинската формула која ја дефинира љубовта како ништо друго туку најголемиот израз на егоизам кој досега постои. Во латинскиот јазик „Alter ego“ во слободен превод се толкува како „најдобар пријател“, но всушност значи „друго јас“. И токму од тука произлегува логиката: оние за кои што велиме дека се нашите „сродни души“, се оние во кои се пронаоѓаме себеси. И таа личност ја засакуваме, бидејќи е иста како нас! За какви тогаш жртви зборуваме во љубовта, за какво обожување?? Доколку не можеме да ги прифатиме туѓите маани, туѓите размислувања, диферентноста во секој поглед, тогаш не можеме да прифатиме нешто што не личи на нас, а тоа е рамно на Нацизам...

Дали некогаш сте размислиле колку тоа чувство кое го негуваме е вистинско? Дури кога некого ќе го сакате и покрај неговите маани, кои не се ништо друго туку само нешто кое не е својствено за вас и не ви се допаѓа, гледајќи го моралот како предмет на релативитет, тогаш можеме да зборуваме за вистинско обожување на туѓата личност, од едноставно необјасниви причини.

Прашањето останува како е навистина подобро и како да се заштитиме себеси?? Дали порационално е да бараме личност по сопствениот „калап“ или да се вплеткуваме во пајаковата мрежа на туѓите мистерии? Доколку решите да погледнете надвор од својот видокруг и да играте на туѓ, непознат терен, борбата секако би била потешка, но победата послатка!

Sunday, March 20, 2011

Ладна каша

Денес јадете ладна каша, за утре да јадете нешто подобро... или задутре, или после една недела...

Што сакал да каже Тони Парсонс кога го започнал својот роман со овие зборови?? Кога е моментот кога ќе знаете дека денес заслужувате подобар оброк? Или, ќе си речете: и денес ќе јадам ладна каша за утре да јадам нешто подобро... А што ако нема утре? Што ако целиот живот го поминете јадејќи ладна каша, зашто, нели, на секое денес, по правило му следи утре!

Кога ќе почнеме вистински да го живееме утрето? Наместо да јадеме ладна каша, секој ден да настојуваме да си подготвиме себе си посебен оброк, побогат оброк, оброк кој гладта ќе ја преобрази во сладострасна нирвана, која секој ден ќе го поткренува оптимумот на својата крива, која ќе се виори како спирала на умствениот копнеж на кој ќе му се насмевнуваме со секое мижуркање на зората.

Да го живееме секој миг, секој ден, значи да не бидеме само гости прифаќајќи го она што ни е „сервирано“, туку да приготвиме за себе едно сетилно задоволство со сите состојки кои животот ни ги дава во раце, или пак, ако тоа не е случај, да го воздигнеме исконското чувство на потрага по она што ни е потребно, па да потонеме во магичната мистичност на животната џунгла и да ги набереме тие билки на среќата, на страста, на радоста, на самодовербата, на љубовта. Да ги откинеме од нивното немо поимање, од нивното скаменето постоење, да ги пролееме нивните сокови низ трпезата на животот, да ја обоиме со највкусните овошја, па дури и оние кои се забранети.

Тогаш, нема да ни биде страв од било какво утре. Нема да не засега темнината, кога имаме светлина. Нема да не засега тишината, кога ја имаме мелодијата... Како што Епикур милувал да каже: „Смртта не не засега, затоа што, се додека постоиме, таа не е тука. А кога ќе дојде, тогаш веќе не постоиме.“

Во прангите на стравот

Што е навиката? Дали ја одразува човековата мрзливост и несигурност да ги менува работите? Човековата некадарност да го помести тежиштето на сопствениот универзум? Каква врска има навиката со стравот од неуспех, од неприфаќањето?

Ако гледаме така на работите, токму стравот од неуспех не втурнува во самиот неуспех. Непреземањето на никакви чекори, резервираноста на традиционалната хармоничност која секако е подобра од очајот, гневот, бесот, стравот, агонијата, а можеби и љубовта. Затоа што хармонијата стои на хоризонтот на совршениот баланс, а љубовта е нешто повеќе од тоа. Таа не се задоволува со состојба на медиокритет, таа разгорува нешто повеќе од просечноста на чувствата.

Целата оваа експозиција е во чест на навиката. Некои луѓе се навикнати на егзистирање во човечка симбиоза – исполнувањето на својот индивидуализам го гледаат единствено преку систематиката на целината. Дури и се помалку ја признаваат синергијата, бидејќи ја немаат својата индивидуална вредност како вредност која можат да ја споредат со функционирањето на системот. Се плашат да бидат сами, па после секое одвојување од љубовната колепка, секогаш имаат нов предмет на кој ја вкалемуват својата потреба од фасцинација, која според Едгар Морен, сите ние ја носиме во себе. Кај некои од нас, вистинскиот момент, или многу поначесто, погрешниот момент, е миг во кој еруптира тоа високосетилно чувство кое го носиме во себе. За оние личности кои се плашат од осаменоста, секој следен момент е „вистинскиот момент“. Овие луѓе се плашат од неуспех на нивното самостојно поимање.

Во другата крајност, припаѓаат оние кои многу долго време, под дистракција на доминацијата на други сфери во сопствениот живот, чувството за делување во некоја љубовна заедница речиси затапело. Тие, навикнати долг период да живеат сами, поначесто се доволни самите на себеси. За нив постои стравот од неуспехот на заедницата, кој си го припишуваат единствено себе, па затоа најсигурно се чувствуваат кога се наоѓаат во најповластена положба на контролирање на сите познати варијабли, кои се однесуваат единствено на личните потреби и идеи, исклучувајќи ја притоа љубовта, која е променлива која не е зададена од разумот, за разлика од претходните.

Само еден заклучок ми доаѓа на ум – склоноста и природниот инстинкт да се заштитиме себеси во некаков систем - било тоа да е соединување со некого, или ситем на индивидуално општење, не оттргнува од најскапоцената можност која ни ја нуди единственоста на постоењето на овој свет – можноста од доживување на нешто посилно, возвишение од чувтсва, вулкан од страсти, храм од топлина. Нашето срце е оковано и затворено никогаш да не ја провиде светлината на она што може самото да го наслика, да го ослободиме! Нашата револуција може да биде победничка!