На девојките ќе им откријам една тајна која исто важи и за момците кога сакаат да освојат, повеќе да задржат девојка. Но, пред да почнеме, треба да го прочитате претходниот пост со наслов Бумеранг!
Па така, за да ве убедам дека љубовта е најголемиот егоизам што постои, ќе употребам една мисла на Алдус Хаксли, автор на книгата „Прекрасен нов свет“, која доколку не сте ја прочитале досега, нека ви биде следна на листата (може и да ја позајмам некому, гордо ми стои на полица)! Имено, тој вели: „За неговото куче, секој човек е Наполеон, оттаму постојаната популарност на кучињата.“
Што ни кажува ова? Дека човековото самољубие може да оди дотаму да прерасне во зависност од сите слатки зборови кои ни ги кажува другата половина, па после разделбата да ни биде тешко да се откажеме од тоа...
Затоа, инвестирајте предвреме во вашата врска, со тоа што на вашиот сакан/а ќе му кажувате постојано колку е добар, прекрасен, колку убаво изгледа и се’ друго што ви се допаѓа кај него. Не штедете на зборови, не сметајте го тоа како пораз нанесен од вашиот Наполеон, туку како градење тули кои ќе биде тешко да се срушат одеднаш.
Меѓутоа, не претерувајте, односно бидете искрени, затоа што многу повеќе штета отколку корист ќе и нанесете на личноста која е вашата конквистадорска цел кога ќе ја ставите во заблуда дека е совршена личност. Ваквата приказна има два исхода: едниот е да се создаде парадигмална вертикална разлика помеѓу вашите позиции со тоа што вашата „сродна душа“ ќе сака да се откине од вашето соединение и да побара некој кој е исто толку совршен, а другата, полоша варијанта е, целосно да падне на дно кога ќе открие дека тоа било само ваша проекција која не се совпаѓа со објективното мнение во социјалната околина. Тоа се случува ако некогаш вие го оставите вашиот партнер. Тогаш настанува периодот на агонија, како и кај секоја друга зависност. Тогаш ќе почне да се обвинува и казнува и за најмалата направена грешка, да се смета ништожен молејќи за било каков убав збор, за уште еден грам од „дрогата“ на која сте го навлекле...
Затоа, ова е оружје кое треба внимателно да го користите, умереноста е секогаш доблест бидејќи не води кон крај[ност]!
No comments:
Post a Comment