Sunday, March 20, 2011

Ладна каша

Денес јадете ладна каша, за утре да јадете нешто подобро... или задутре, или после една недела...

Што сакал да каже Тони Парсонс кога го започнал својот роман со овие зборови?? Кога е моментот кога ќе знаете дека денес заслужувате подобар оброк? Или, ќе си речете: и денес ќе јадам ладна каша за утре да јадам нешто подобро... А што ако нема утре? Што ако целиот живот го поминете јадејќи ладна каша, зашто, нели, на секое денес, по правило му следи утре!

Кога ќе почнеме вистински да го живееме утрето? Наместо да јадеме ладна каша, секој ден да настојуваме да си подготвиме себе си посебен оброк, побогат оброк, оброк кој гладта ќе ја преобрази во сладострасна нирвана, која секој ден ќе го поткренува оптимумот на својата крива, која ќе се виори како спирала на умствениот копнеж на кој ќе му се насмевнуваме со секое мижуркање на зората.

Да го живееме секој миг, секој ден, значи да не бидеме само гости прифаќајќи го она што ни е „сервирано“, туку да приготвиме за себе едно сетилно задоволство со сите состојки кои животот ни ги дава во раце, или пак, ако тоа не е случај, да го воздигнеме исконското чувство на потрага по она што ни е потребно, па да потонеме во магичната мистичност на животната џунгла и да ги набереме тие билки на среќата, на страста, на радоста, на самодовербата, на љубовта. Да ги откинеме од нивното немо поимање, од нивното скаменето постоење, да ги пролееме нивните сокови низ трпезата на животот, да ја обоиме со највкусните овошја, па дури и оние кои се забранети.

Тогаш, нема да ни биде страв од било какво утре. Нема да не засега темнината, кога имаме светлина. Нема да не засега тишината, кога ја имаме мелодијата... Како што Епикур милувал да каже: „Смртта не не засега, затоа што, се додека постоиме, таа не е тука. А кога ќе дојде, тогаш веќе не постоиме.“

No comments:

Post a Comment