„Во блиската далечина, нешто црно се белееше...“
Оксиморон е, исто како и апсурдноста на фактот дека секогаш сакаме да го дофатиме она што ни е далеку. Далечината е секогаш посакувана, егзотична, во сите нејзини димензии. Географска, временска нанапред и наназад, возрасна...
Обожаваме што подалечни дестинации, жалиме за далечното време поминато, сакаме да можеме да нурнеме во иднината...
Далечината е релативна големина. Не апсолутна. Затоа и секогаш мора да постои од својата точка на гледање и споредување. Како и фатаморганата. Ако се стигне таму каде што треба да се дофати нештото кое е далечно, тогаш веќе не постои. Или постои нова далечина, па и во обратен правец. Се анулира со претходната.
Дали е правилно и здраво да си поставуваме далечини, кои потоа кога ќе ги достигнеме најверојатно е дека ќе се претворат во разочарувања? Јас сум поборник на тврдењето е дека секој човек треба да си зацрта цели и потоа да знае кон што се движи. Меѓутоа, цел единствено во некоја своја наредна, проектирана, подобрена состојба. Кога целта е дефинирана само од далечината, тогаш нешто „смрди“. Како можеме да ја препознаеме таквата „лажна цел“? Треба да ги разгледаме сите бенефити на денешната и пренесената (во далечина) состојба и да ги споредиме тие релативни вредности. Што ќе добиеме со пренесувањето и дали ќе изгубиме апсолутно сé од тоа што имаме денес? Дали имаме шанси да се вратиме назад или да ги понесеме со нас сите работи кои досега сме ги стекнале? Тоа е опортунитетниот трошок на далечината, во било која димензија. Ако веќе се одлучиш да ја достигнеш, пресметај што и колку можеш да жртвуваш заради тоа.
Стариот филозоф го советувал својот син: гледај да не стигнеш до врвот на планината, бидејќи ако стигнеш каде е следната цел?
ReplyDelete