Wednesday, August 24, 2011

Во блиската далечина

„Во блиската далечина, нешто црно се белееше...“

Оксиморон е, исто како и апсурдноста на фактот дека секогаш сакаме да го дофатиме она што ни е далеку. Далечината е секогаш посакувана, егзотична, во сите нејзини димензии. Географска, временска нанапред и наназад, возрасна...

Обожаваме што подалечни дестинации, жалиме за далечното време поминато, сакаме да можеме да нурнеме во иднината...

Далечината е релативна големина. Не апсолутна. Затоа и секогаш мора да постои од својата точка на гледање и споредување. Како и фатаморганата. Ако се стигне таму каде што треба да се дофати нештото кое е далечно, тогаш веќе не постои. Или постои нова далечина, па и во обратен правец. Се анулира со претходната.

Дали е правилно и здраво да си поставуваме далечини, кои потоа кога ќе ги достигнеме најверојатно е дека ќе се претворат во разочарувања? Јас сум поборник на тврдењето е дека секој човек треба да си зацрта цели и потоа да знае кон што се движи. Меѓутоа, цел единствено во некоја своја наредна, проектирана, подобрена состојба. Кога целта е дефинирана само од далечината, тогаш нешто „смрди“. Како можеме да ја препознаеме таквата „лажна цел“? Треба да ги разгледаме сите бенефити на денешната и пренесената (во далечина) состојба и да ги споредиме тие релативни вредности. Што ќе добиеме со пренесувањето и дали ќе изгубиме апсолутно сé од тоа што имаме денес? Дали имаме шанси да се вратиме назад или да ги понесеме со нас сите работи кои досега сме ги стекнале? Тоа е опортунитетниот трошок на далечината, во било која димензија. Ако веќе се одлучиш да ја достигнеш, пресметај што и колку можеш да жртвуваш заради тоа.

Tuesday, August 23, 2011

С[о]вест

Фала му на Бога што постојат законите, па на тој начин има и добри и совесни луѓе. Не верувам повеќе во човековиот морал, или интегритет. Единствено постои стравот од санкција. Или пак онаа анализа на трошковна ефективност која постојано ја пресметуваме пред да направиме нешто. Освен казнувањето со сто камшици кое го предвидува Куранот, не постои закон кој казнува против неверство, па тоа се прави секојдневно. Каде е тука моралот?

Моите другарчиња помислуваат два пати дали да се напијат бар едно пиво кога се излезени со кола. Не заради тоа што можеби едно пиво ќе води кон уште едно и така натаму, па ќе претераат со пиење и возењето со нив нема да биде толку безбедно, туку едноставно знаат и забележале дека во тој и тој дел од градот во тој дел од ноќта има полиција, па може да им подари добра казна, која не можат да си ја дозволат. Е тука е онаа трошковна анализа која претходно ја напоменав.

Или пак, фрлањето на отпушоци на улица. Зошто пред година-две, никој не размислуваше да го фрли отпушокот некаде каде што ќе биде соодветно исфрлен и нема да и наштетува на околината, или пак, ќе биде безбедно и нема да предизвика никаков пожар. Ете ја цената на нашиот морал. Педесет, сто евра. Ништо помалку.

Возењето брзо, кое порано можеше да чини само многу животи, сега не чини нам многу скапо, затоа не можеме да си го дозволиме. А кога станува збор за убиствата, верувам дека би се случувале уште почесто, секому од нас, доколку не постоеше најголемиот страв од доживотна робија. Верувам дека луѓето кои го прават тоа си ја направиле својата „трошковна пресметка“ која не секогаш е материјална, или пак смислиле добра приказна за „непресметливост“ или „самоодбрана“, подучени од американските „блокбастери“. Или пак, со причина се сомневаат во државното судство. И тогаш тргнуваат во „поход“.

Tuesday, August 16, 2011

Just the way you are!

„Го сакам дечко ми бидејќи тој ме сака таква каква што сум. Никогаш нема замерки за мојата фигура – ми вели дека сум совршена! Го сака мојот задник, не му смета стомакот! Не му смета што не сум фарбана и шишана веќе цела година, нити пак ако малце „буцкам“...

Го сакам дечко ми бидејќи нема замерки за моето готвење – омлет, пита, лазања, што и да е! И кога и да го „утнам“ рецептот, нему му е вкусно!“

Кој не би посакал ваков дечко? Оние кои не сакаат да „залегнат“ во конформизмот на тоа совршенство креирано во неговите очи дотолку што ќе паднат многу под просекот. Релативно „совршената“ фигура, без одржување по некое вреќе ќе стане „поголемка“, заедно со задникот и стомакот, косата ќе стане сé позапуштена... Веќе нема да ни биде важно како сме облечени, што и колку јадиме... сé до кога? Кога ќе нé остави тој „слаткоречив“ дечко затоа што навистина не сме веќе она во кое „фрлил око“, или пак, кога ќе погледнеме некои стари слики каде сé уште има траги од сега „деактивираната бомба“. Добро е ако е само второто без првото.

Што се однесува до готвењето, кое може да биде аналогија на многу други работи, ќе нé затвори исто така во еден конформизам каде никогаш нема да се трудиме да бидеме добри, или, во случаи на голема заблуда, навистина добри – нема да бидеме предизвикани да учиме, да се подобруваме, ќе тапкаме во место, или после извесно време, ќе се најдеме многу просечни, слаби, незнајни, кога сите други отишле чекори напред! Па тогаш, што е подобро, да најдеме некој кој ќе не сака и прифати такви такви што сме, или некој кој ќе нé сака сé подобри, така што постојано ќе нé мотивира да се усовршуваме? Убаво е да ни речат: „Денес изгледаш навистина посебно“, кога знаеш дека за тоа “денес“ си вложил/а многу труд и понатаму ќе знаеш во која насока треба да се развиваш! Да се разбереме, не го правиш тоа за него/неа, го правиш тоа за себе! За да се чувствуваш убаво, посакувано, да бидеш полн/а со самодоверба, да произведуваш енергија!

Friday, August 12, 2011

Дечкото и/на мојата најдобра другарка

Eдната другарка: „Таман мислев дека тој е вистинскиот, кога таа го одзема од мојот живот! А беше толку прекрасно: излегувавме заедно, одевме по журки, одевме на одмор заедно, тој ни пушташе музика или ни правеше коктели, или пак, можеше да не внесе во сите дискотеки „преку ред“ бидејќи се знаеше со тие на врата, не сликаше... ах, времиња! А сега, тој е само минато. Само епизода. Да не се разбереме погрешно. Не говорам за ПРЕВЗЕМАЊЕ, туку за ОДЗЕМАЊЕ! Тој ми беше навистина пријател, беше забавен, фин дечко! Понекогаш не возеше со кола.... а сега можеби веќе никогаш нема да го видам! Готово, не се врзувам повеќе... за никој од дечковците на мојата најдобра другарка. Сега таа има нов дечко, но јас сум скептична, затворена, никогаш повеќе нема да биде исто! „Not another dad, mummy!”A таа, заедно со мене се надева дека овој е ‘keeper’!“

Другата другарка: Мразам кога другарка ми постојано ми зборува за мојот бивш дечко, убедувајќи ме колку е фин, колку сме си одговарале, па како се виделе во диско и збореле за најновата книга за Хари Потер... си одговара со мене или со нејзе? И, како воопшто може да стои со него? Кога со мене тој се разминува и не прави муабет? Таа ме напаѓа како јас да сум крива за сé! А знае зошто го оставив и знае како се однесуваше со мене. Да поминам преку сето тоа само затоа што нејзе и се допаѓа? Па нека оди тогаш таа со него, па нека види каква тортура претставува тоа! Понекогаш си размислувам на чија страна е таа? И чија другарка навистина е? Па уште гледам и му лајкнала слики на фејсбук и постојано си коментираат на статуси. А со мене тој и нема никаква комуникација. Леле, ги сликале синоќа заедно за Кадевечер! Епа, на здравје Хари!“

Wednesday, August 10, 2011

За љубовта и другите демони

Љубов без секс или секс без љубов? Или уште позагадочно: љубов заради секс или секс заради љубов? Дали љубовта зависи од сексот или тој од љубовта? Дали можеме да бидеме во заблуда и да го квалификуваме сексот како добар само затоа што некого силно го сакаме, или пак обратно, да не можеме да ја преболиме некоја „љубов“ затоа што сексот бил фантастичен?

Ајде да почнеме од почеток: што е фантастичен, добар секс? Оној со повеќе слобода, отворен за нови комбинации, пози и експерименти, оној каде се чувствувате слободни да комуницирате и да ги изразувате своите желби и фетиши, а не само да ги следите желбите на партнерот? Или пак, добриот секс го поистоветувате со водењето љубов, оној исполнет со страст и емоции, како кулминација и вулкан каде се слеваат сите ваши чувства? Дали во сексот учествуваме со умот или со телото? Дали партнерот кој толку многу ни значи и со кого беспрекорно се согласуваме треба да го оставиме, или пак доколку не го сториме тоа, со текот на времето чувствата ќе ни избледнат и ќе побараме страст на друго место, доколку сексот не е добар? Или пак, обратно, ќе се навраќаме на некого, мислејќи дека тоа е човекот/жената на нашиот живот, само затоа што се случило неколкупати да западнеме во бесрамен, животински, неколкучасовен секс?

Како успевате да ги дестилирате едната состојка од другата, за да бидете свесни на што се заснова вашиот однос?

Многу прашања поставив – а ниедно не одговорив. Можеби може некој од вас? Повелете!

Friday, August 5, 2011

„Подметни“ малку љубов!

На девојките ќе им откријам една тајна која исто важи и за момците кога сакаат да освојат, повеќе да задржат девојка. Но, пред да почнеме, треба да го прочитате претходниот пост со наслов Бумеранг!

Па така, за да ве убедам дека љубовта е најголемиот егоизам што постои, ќе употребам една мисла на Алдус Хаксли, автор на книгата „Прекрасен нов свет“, која доколку не сте ја прочитале досега, нека ви биде следна на листата (може и да ја позајмам некому, гордо ми стои на полица)! Имено, тој вели: „За неговото куче, секој човек е Наполеон, оттаму постојаната популарност на кучињата.“

Што ни кажува ова? Дека човековото самољубие може да оди дотаму да прерасне во зависност од сите слатки зборови кои ни ги кажува другата половина, па после разделбата да ни биде тешко да се откажеме од тоа...

Затоа, инвестирајте предвреме во вашата врска, со тоа што на вашиот сакан/а ќе му кажувате постојано колку е добар, прекрасен, колку убаво изгледа и се’ друго што ви се допаѓа кај него. Не штедете на зборови, не сметајте го тоа како пораз нанесен од вашиот Наполеон, туку како градење тули кои ќе биде тешко да се срушат одеднаш.

Меѓутоа, не претерувајте, односно бидете искрени, затоа што многу повеќе штета отколку корист ќе и нанесете на личноста која е вашата конквистадорска цел кога ќе ја ставите во заблуда дека е совршена личност. Ваквата приказна има два исхода: едниот е да се создаде парадигмална вертикална разлика помеѓу вашите позиции со тоа што вашата „сродна душа“ ќе сака да се откине од вашето соединение и да побара некој кој е исто толку совршен, а другата, полоша варијанта е, целосно да падне на дно кога ќе открие дека тоа било само ваша проекција која не се совпаѓа со објективното мнение во социјалната околина. Тоа се случува ако некогаш вие го оставите вашиот партнер. Тогаш настанува периодот на агонија, како и кај секоја друга зависност. Тогаш ќе почне да се обвинува и казнува и за најмалата направена грешка, да се смета ништожен молејќи за било каков убав збор, за уште еден грам од „дрогата“ на која сте го навлекле...

Затоа, ова е оружје кое треба внимателно да го користите, умереноста е секогаш доблест бидејќи не води кон крај[ност]!