Интересно е како возачите на такси кои се наредени во колони насекаде каде што поминуваме, мислат дека е доволно само да не погледнат подолго, или да ни кажат некоја дестинација и ние веднаш ќе отрчаме да влеземе во такси. Тие викаат, излегуваат од возилата, постојано не потсетуваат за градови каде би можеле да одиме и само доколку би поминале покрај нив, би забележале како возачот веднаш ќе ја згасне цигарата, ќе го затвори прозорецот, ќе го запали моторот, а ние само безмилосно ќе ги одминеме. Најчесто сето тоа ни оди на нерви и помислуваме: „Тоа не е производ кој може да не заинтересира, тоа е едноставно потреба за превоз. Ако ми треба такси, не ми треба убедување, едноставно ќе влезам во кола и ќе ја кажам саканата дестинација.“
Истото се случува и со жените, кои мислат дека доколку го погледнат некого подолго време, или поминат покрај него, тоа ќе биде доволно за тие да бидат забележани, а потоа веднаш да бидат со него „среќни засекогаш“. Она што ние не го сфаќаме, слично како такси-возачите, е дека ним не им треба превоз. Тие сакаат да одат пеш, да прошетаат, да видат многу луѓе, да сретнат многу жени. Сакаат да го доживеат светот, а не да го поминат набрзина гледајќи го низ прозорецот на некое возило кое внатре е можеби удобно, но однадвор изгледа правливо и непривлечно.
Аналогијата е јасна – не можеме да привлечеме потрошувач доколку кај него не постои јасно изразена потреба за производот или услугата. Точно е дека маркетерите можат да создадат потреби – но тоа се прави на суптилен начин. Сé друго може да предизвика спротивен ефект, да предизвика уште поголема свесност за НЕпотребноста, слично како и отсуството кое е најголемиот доказ за нечие присуство, како кога светлината им дава одраз на нештата, кои не се ништо повеќе, туку сенки. Можеме само да чекаме во сенка, или можеме да зрачиме. Не мора да говориме, можеме само немо да постоиме. И тогаш, по некое време, сигурно ќе влезе некој патник и ќе ја каже својата дестинација.
No comments:
Post a Comment