Sunday, November 28, 2010

Јин-Јанг

Некои луѓе се чувствуваат сигурно закриени под златната капа на медиокритетот. Просечноста е целта на сите нивни достигнувања: просечен човек, просечен ученик, просечен работник, просечен сопружник. Но круната на социјализмот веќе не е она во кое сме заколнати, и кое не остава безгрижни во конформизмот дека нема никаква корист од некои дополнителни залагања, и дека не можеме да добиеме ништо повеќе од она што ни е `предодредено`.

Денешницата ни дава многу опции – широко поле во кое ние одбираме што ќе имаме и колку ќе имаме! Па зошто тогаш да се задоволиме со просечноста? Каде е тука креативноста на создавањето, на градењето кули, макар биле тоа и кули од карти, или песок...?

Има луѓе кои живеат од адреналинот на ризикот – тоа се борци–екстремисти кои ја одбираат опцијата за „сè или ништо“. Го одбираат пакетот кој вклучува сè и не се задоволуваат со ништо помалку. Добрата страна на тоа е дека не се залажуваат дека се чувствуваат добро и дека се среќни со тоа што го имаат, се борат за своите соништа, за своите желби, за своите идеали. Тие луѓе едноставно знаат што сакаат. Сепак, ако изгубат, знаат да го прифатат поразот. Зашто знаат дека тоа било нивна одлука. Патот кој тие го одбрале. Само една неуспешна етапа од нивната борба.

Од еден поинаков агол тоа би изгледало уште посиромашно, отколку во чевлите на оние кои си седат во своите фино исцртани квадратчиња - луѓето кои сакаат сè или ништо ја величат хроматиката на екстремите. Кај нив има само црно и бело. Нема нијанси, нема тонови, нема украси и залажувања. Но тоа се и боите на Јин-Јанг, кој пак е симболот на вечната борба, симболот на совршениот баланс, симболот на неуспешноста на неизбежното...

Message delivered!

Зошто сме толку загрижени за статусот? Статус на врска, статус на брак, статус извештаи, статус на името, статус на порака... Зошто е воопшто важен статусот? Дали по секоја цена треба да тежнееме кон негово дефинирање?

Обично status quo и не е баш збор кој буди позитивна конотација. Но сепак, се работи за неутралност на работите, што и не е така лошо. Важно е дека не сме во негатива. Се уште има надеж за прогрес... Но дали токму конечното дефинирање на статусот не е она кое ни го скратува секое задоволство од можниот алтернативен контекст на работите? Кога еднаш ќе се заклучи, односно `додели` статусот, било во усна или писмена форма, мали се шансите за негово менување. Малку поголеми, сепак, во усната форма. Меѓутоа, колку богата може да биде дефиницијата кога се сведува само на еден збор? Дали вашиот живот, вашето битие можете и би сакале да го дефинирате само со еден збор? Да, навистина, статусот ни дава правна и морална сигурност, ни дава тло на кое можеме цврсто да застанеме, на кое можеме да поставиме темели и нешто да градиме. Но што е со неизвесноста, со вклучувањето на имагинацијата која може да изнајде илјада зборови и неброени сценарија за да и пркоси на едноличноста на статусот, кој најчесто лежи во тврдокорноста на некој свој термин и не знае за втора димензија.

Па затоа, некогаш, кога не би можеле да се избориме за некој статус, одржувањето на status quo можеби е и единствената опција. Честопати, оние кои чувствуваат аверзија кон статусот, се оние кои се нескротливи, оние кои освојуваат височини, кои живеат поинаку, оние кои не се плашат да чувствуваат. Тие го сметаат хоризонтот за сопка, за граница. Можеби аморфноста во која би живееле со нив би била ќе не напои со страст, уживање и ќе ни ги открие тајните на вистинското поимање...

Monday, November 22, 2010

Плукнати

Сигурно стотици пати ви кажале дека многу наликувате на некоја ваша блиска личност, најчесто од потесниот круг на семејството – на некој од вашите родители, баби и дедовци, тетки, чичковци, или, да не лутаме наоколу, туку на оние кои се најблиску до вас и вашата генеза, брат или сестра. И, гледајќи ги нив, низ нивните животи, дали се чувствувате дека вашата судбина е веќе режирана? Дали не се плашите дека идентичниот еквифиналитет води кон доследност на телеологичноста?

Безумно е да се размислува во правец на непогрешливо реплицирање на една животна патека од друга, но стравот сепак постои. Не сакаме да бидиме рефлексија на нашите родители или поблиски роднини, затоа што како што се вели, треба да учиме од туѓите грешки, а ние сме пораснале гледајќи ги нивните! Тоа е исто како кога знаете дека е нешто погрешно, дека нештото се прави поинаку, или се изговара поинаку, но сепак, во моментот кога доаѓате вие на ред да го изведете тоа, едноставно го повторувате! Дали може да се побегне од тоа?

Вистинското прашање е, дали се работи за генеза, нешто кое не можеме да го контролираме, или се работи за учење, воспитување, или едноставно растење во близина на тие стимули кои се вгнездуваат во нас и се претопуваат во инстиктивни реакции кои исто така, не можеме да ги контролираме? И дали ние ја правиме грешката? Или оние кои ни го оставаат тој непорачан аманет?

Можеби сепак, доколку не го сфатиме сето тоа како `судбина`, `пишанија` од која не се бега, можеме да ги превземеме работите во свои раце. Ако не се плашиме да бидеме свои, да расудуваме за себеси, едноставно, да се ослободиме од прангите со кои не оковува сличноста која не подразбира и идентичност. Во спротивно, заобиколувањето на јамата со страв, може да ја сврти гравитацијата како вртлог против нас и да не турне право во неа...

Потрагата на Диоген

Сите оние кои талкаат низ животот барајќи партнер, љубовник, сопатник, се луѓе кои имаат отворени хоризонти, отворени срца, спремни се да погледнат надвор од „кутијата“, за да бидат свесни за своите можности, за никогаш да не се обвинуваат себеси за својата несвесност и невнимателност. Но колку е тоа правилно? Колку токму таквото видение на работите ни носи успех?

Дали не правиме грешка кога ја оставаме далекувидоста неизлечена? Затоа што понекогаш, се плашам да речам, доста често, во најблискиот видокруг замагленоста не ни дава да ја препознаеме личноста која ни е најдобар пријател, како актер кој совршено одговара на улогата на наш сопатник, на љубовник... Размислете, тој е веќе тука, не мора да правиме никакви напори и танталовски да очајуваме дека се уште не сме ја нашле „вистинската“ личност за себеси. Не познава подобро од било кој друг и секогаш е тука за нас.

Работата е половина завршена. Но, уште еден синдром на неговото височество „човеков ум“ настапува со парадоксална пируета и ликува со насмевка, навидум злокобна, но не, сепак насликана од акварелот на цинизам и самосожалување. Зошто да биде толку едноставно, кога може да биде сложено? Едноставноста ја преведуваме секогаш со нејзиниот синоним – простотија, а тоа го поистоветуваме со нешто кое е сиромашно, необилно, празно и неинтересно. А во таква слика не смееме да се замислиме себеси, тоа би значело пораз и откажување од трката по освојувањето на врвот на кој стои знамето на идеалот. Не ни треба книгата која веќе ни е прочитана, не ни треба чашата која е веќе испиена. Несвесни дека книгата може да ја прочитаме уште еднаш, и да ни донесе нови светлини, нови видици и нови радости, несвесни дека во чашата можеме да сипеме уште и да пиеме, до ненасит, остануваме само сиромашни и гладни номади кои вечно ќе талкаат и никогаш нема да најдат мир... Не треба да ги сожалувате, не им давајте леб! Дајте им го фенерот на Диоген!

Золва

Елегијата по оние кои сме ги изгубиле ја пишуваме како тропар на безумието фаќајќи се за последната нишка на очајот – лицата кои се блиски до саканата личност, а со кои, благодарение на неа, сме воспоставиле блиски односи и по несреќното завршување на приказната, не можеме „туку така да ги прекинеме“ и покрај целата војна низ која сме поминале а во која секако, не важат правила и не се бираат средства. Како ефтин порок се потпираме на нив, сметајќи ги за спасители, повеќе за гласители, со надеж дека имаме повторно опиплива реалност различна од онаа во која ние сме отфрлени. На овој начин имаме повторно комуникација со минатото, препознаваме некои сличности, пренесуваме некои моменти, како да ни се оставени како аманет кој е сокровиште, но единствено за нас, за нашата душа. Се бориме, а мислиме скриено, но сепак толку очигледно, да се вратиме повторно на сцена. Како да му се умилкуваме на режисерот да ни ја врати улогата во таа љубовна сцена која е елемент на субјективните фактори на единственоста на моментот и знаеме дека никогаш нема да се повтори. Но тогаш не знаеме дека штиците во театарот се разнишани, нестабилни, тежат се повеќе и повеќе од нашиот неуспех, а публиката негодува. Се создава одбивност и кај актерите, па сме заменети со друга примадона која блеска во главната улога. Во очите на режисерот препознаваме отпрвин жал, која со нашето настојување преминува во сожалување. Стисокот на раката-спасител полека попушта. Се лизга, а ние се уште се надеваме дека една прегратка на сочувство може да ја подотвори вратата на надежта. Но не, оттаму наѕира само трула миризба на реликвиите кои се помрачени од сенките на заборавот.

Wednesday, July 14, 2010

Perpetuum mobile

Изговори даваме кога се плашиме, кога не можеме, не сакаме, кога одбегнуваме... Умешноста да ги убедиме другите да веруваат во нашиот изговор и да го прифатат како вистинска причина е способноста цврсто да стоиме на тој став, да го браниме. Правејќи го тоа, ние почнуваме себеси да се убедуваме дека тоа е вистина. Значи, најголемата заблуда ја креираат изговорите кои си ги даваме самите на себе, за да не си го признаеме сопствениот неуспех. Така постигнуваме некоја помиреност во своите души, и се штедиме од продлабочување на размислувањата. Се согласуваме со конформизмот дека такви сме `скроени` и се откажуваме од секакво работење врз сопствената личност, за да се подобриме или во било кој правец, промениме.

Но дали можеме да ги изедначиме? Дали изговорите што ги презентираме пред другите одговараат и се само енкрипција на внатрешните `кодови` што се разгорени од `демонот` во нас кој не можеме да го контролираме, или се специјално приготвен производ за манипулација со другите и ублажување на реалноста? Во некои случаи позитивно, помалку болно, оставање на простор за друга шанса, продолжена соработка, надеж за другата страна дека можеби ја изгубила битката, но се уште има простор за водење на војна, се уште има шанса за нас да се предадеме. Можеби таа надеж е единственото нешто кое таа личност ја има. Да, веќе најдовме и изговор за давање изговори... Природата човекова е нескротлива, незапирливи се нашите умствени делувања. Перпетуум мобиле...