Friday, May 13, 2011

Alter ego

И повторно се навраќам на Едгар Морен – неговите филозофии постојано одѕвонуваат како базичен ритам, кој го води секое понатамошно додавање на мисловни семплови. Во својата книга „Љубов, поезија и мудрост“, тој ќе рече: „...љубовта е нашата највистинска религија, но истовремено и нашата најголема ментална болест“. Ако ова го поврземе со зборовите на Џонатан Свифт „Се сакаме оти слабостите ни се исти“, ќе ја добиеме вистинската формула која ја дефинира љубовта како ништо друго туку најголемиот израз на егоизам кој досега постои. Во латинскиот јазик „Alter ego“ во слободен превод се толкува како „најдобар пријател“, но всушност значи „друго јас“. И токму од тука произлегува логиката: оние за кои што велиме дека се нашите „сродни души“, се оние во кои се пронаоѓаме себеси. И таа личност ја засакуваме, бидејќи е иста како нас! За какви тогаш жртви зборуваме во љубовта, за какво обожување?? Доколку не можеме да ги прифатиме туѓите маани, туѓите размислувања, диферентноста во секој поглед, тогаш не можеме да прифатиме нешто што не личи на нас, а тоа е рамно на Нацизам...

Дали некогаш сте размислиле колку тоа чувство кое го негуваме е вистинско? Дури кога некого ќе го сакате и покрај неговите маани, кои не се ништо друго туку само нешто кое не е својствено за вас и не ви се допаѓа, гледајќи го моралот како предмет на релативитет, тогаш можеме да зборуваме за вистинско обожување на туѓата личност, од едноставно необјасниви причини.

Прашањето останува како е навистина подобро и како да се заштитиме себеси?? Дали порационално е да бараме личност по сопствениот „калап“ или да се вплеткуваме во пајаковата мрежа на туѓите мистерии? Доколку решите да погледнете надвор од својот видокруг и да играте на туѓ, непознат терен, борбата секако би била потешка, но победата послатка!

No comments:

Post a Comment