Thursday, July 14, 2011

Бумеранг

Повторно се навраќам на својот постулат дека егото е најголемата љубов која човека може да ја негува, а можеби и единствената љубов која ја познава. Љубовта кон себеси. Не постои љубов кон другите луѓе, затоа што ги сакаме единствено оние кои нам не почитуваат, се љубезни кон нас, а тоа, доколку ја отстраниме другата личност како интермедијарна, тогаш стрелките ги враќаме полукружно назад кон себеси.

Затоа и се чувствуваме повредени кога некој ќе не остави, не можеме да поднесеме пораз. Ние не жалиме заради загубата, не жалиме што таа личност не оставила и повеќе ја нема во нашите животи, што повеќе не го делиме секојдневието со неа и не чекориме повеќе во меѓусебно поимање како симбиоза од чувства, туку единствено не можеме да се помириме дека не сме повеќе предметот на интерес, на внимание, не сме повеќе пожелни, величани, воздигнувани на пиедесталот кој можеби и не сме го заслужиле, но сме го прифатиле слепо, со превез од обземеност, повторно од себеси.

И токму затоа и секогаш знаеме да најдеме изговори за оние што не повредуваат, за да им простиме, за да им дадеме повторно шанса. Не затоа што ги сакаме, туку едноставно, мораме да го оправдаме својот избор. Не можеме да признаеме дека сме згрешиле, сме ја одбрале погрешната личност. Не можеме да се откажеме од своите принципи. Ете дотаму оди човековото самољубие. На крај, другите околу нас не се ништо повеќе, туку едноставно средства за себедокажување.

No comments:

Post a Comment