Thursday, July 14, 2011

Бумеранг

Повторно се навраќам на својот постулат дека егото е најголемата љубов која човека може да ја негува, а можеби и единствената љубов која ја познава. Љубовта кон себеси. Не постои љубов кон другите луѓе, затоа што ги сакаме единствено оние кои нам не почитуваат, се љубезни кон нас, а тоа, доколку ја отстраниме другата личност како интермедијарна, тогаш стрелките ги враќаме полукружно назад кон себеси.

Затоа и се чувствуваме повредени кога некој ќе не остави, не можеме да поднесеме пораз. Ние не жалиме заради загубата, не жалиме што таа личност не оставила и повеќе ја нема во нашите животи, што повеќе не го делиме секојдневието со неа и не чекориме повеќе во меѓусебно поимање како симбиоза од чувства, туку единствено не можеме да се помириме дека не сме повеќе предметот на интерес, на внимание, не сме повеќе пожелни, величани, воздигнувани на пиедесталот кој можеби и не сме го заслужиле, но сме го прифатиле слепо, со превез од обземеност, повторно од себеси.

И токму затоа и секогаш знаеме да најдеме изговори за оние што не повредуваат, за да им простиме, за да им дадеме повторно шанса. Не затоа што ги сакаме, туку едноставно, мораме да го оправдаме својот избор. Не можеме да признаеме дека сме згрешиле, сме ја одбрале погрешната личност. Не можеме да се откажеме од своите принципи. Ете дотаму оди човековото самољубие. На крај, другите околу нас не се ништо повеќе, туку едноставно средства за себедокажување.

You got served!

Честопати ќе го чуете како мото на денешницата: “Life is a journey, not a destination.” Ова е голема вистина и не е никакво измислување на топла вода. Постоело како животна филозофија отсекогаш, само што трендовите денес се се повеќе свртени кон комерцијализација на важноста на добриот, здрав и богат живот во секоја смисла.

Во најекстремни рамки, крајната дестинација ја знаеме сите. Порано или подоцна, таму одиме сите. И секако дека е важно какви резултати ќе постигнеме, што ќе создадеме, што ќе оставиме зад нас, но симболиката за резултатот е занемарлива во креативното оценување. Многу е поважно решението, т.е. патеката која е одбрана за да се стигне до саканото решение. Самото решение на задачата многу полесно може да се ископира, а остатокот од листот да остане празен, заедно со сите алгоритамски полиња кои секвенцијално треба да се пополнат. И тогаш вашиот животен испит ќе се оцени како невалиден, а животот понекогаш не дава поправен.

Кога одите некаде, обѕрнете се наоколу. Дрворедите ви подаваат раце додека чекорите, цветовите на нивните гранки ви го осветлуваат патот, а птиците ве послужуваат со слатка мелодија. Тоа е она што е важно, тоа е она што ќе остане врежано во вашето сеќавање. Тоа е дел од вашето искуство. Замислете си го животот како услуга која ви е овозможена, а светот е услужната компанија која со физичките елементи на средината сака да направи истата поопиплива за вас, а искуството незаборавно. Затоа живејте со секој свој потег, со секоја ваша одлука и не жалете! Се што правите го правите со некаква причина и правите нова бразда која ќе ве донесе до вашето единствено решение на равенката која ви е напишана на празната табла на животот. Не брзајте! Не поместувајте се од овој момент се додека не го исполните целиот квадрат од алгоритамот од кој понатаму треба да одредите насока. И обојте го! Бојата е онаа која најмногу им дава живост на работите, им дава впечатливост и сетилно уживање...