Во својата оригинална смисла, поимот “платонска“ постоел да ја означи онаа вистинската, чиста љубов, љубовта која единката ја носи во себе, но сепак страстна, не онаа која е базирана на сексуален интерес спрема саканата личност, туку повеќе на спиритуална трансмутација на силата на спротивниот пол, отворајќи се кон пошироки пространства на скриено уживање отколку едноставно сексуално задоволство. Нејзини најголеми поклоници биле ренесансните уметници: Данте, Петрарка, Бокачо, кои својата „преродба“ ја нашле токму во ваквото изразување на љубовта, па затоа и буквално може да се нарече иконопоклоништво – затоа што се работи на слепо обожување не на личноста која е предмет на нивната љубов, туку на сликата – сликата која тие ја создаваат во своите очи, благодарение на совршеното функционирање на човековиот ум – виртуоз за создавањето илузии, притоа таа “икона“ вдахнувајќи ја со живоста на боите на нивните уметнички чувтсва.
Сме ја погледнале ли целата приказна од поинаков агол, сосем од спротивната страна на огледалото? Сме се запрашале ли некогаш која е приказната на Беатриче, која е свесноста на Лаура за постоењето на Франческо? Дали тие знаеле дека постои некоја душа која на толку уметнички, фанатичен начин може да ги преточи своите чувства во таа лирика од која ни се чини дека во секој момент може да потече музика, музика која ќе ни ги расече срцата од очај, очај кој се влева во естуар на љубовна агонија. Кога би можеле со времеплов да се вратиме и одново да доживееме се, да навлеземе во димензиите на секоја сцена, во најмалите ни оддалеку блиски средби кои тие ги опишуваат, но кога би ги раскажале во име на другата страна, за да видиме дали и тие ги доживувале на истиот начин. Истите средби, сретнувањето на погледите, случајните допири, немите воздивнувања. Тогаш, можеби би се разочарале кога би дознале дека би морале сето тоа да го изоставиме, затоа што во очите на другиот лик тие сцени и не постојат. Би морале да ги претставиме како едно сувопарно изнесување на рутински, секојдневни настани. И тогаш, за да биде стилски „побогато“ нашето животно „дело“, би се вратиле на нашата пасија – нашата уметност, за да не ги разочараме читателите, за да оставиме вредно дело зад себе, нешто што ќе се памети.
И навистина, животот е приказна која ние ја пишуваме додека чекориме газејќи ги нејзините страници. И секако дека не би ја пишувале во друго лице, затоа што ние ја носиме убавината, ние ја носиме љубовта, во нас. Непресушливиот вруток е нашето срце, кое го користи јазикот на умот и телото и твори неуморно, додека страниците не се искинат од нашите цврсти, правливи ѓонови.
No comments:
Post a Comment