Изведбата на едно музичко дело може да се поистовети со театарска претстава – музиката е текст самата за себе, а не само поддржувачка сценографија. Актерите знаат дека соживувањето со улогата е најесенцијалната карактеристика на изведбата – а бонус за самите нив како базичен ресурс би биле чувствата произлезени од моменталната состојба во која се наоѓаме. Сепак, не можеме да го издвоиме актерот од самиот човек, ниту пак актерот да го спречиме да интерферира во секојдневното човеково општење. Ако можеме да ја пронајдеме тагата длабоко во себе, тагата што некогаш сме ја чувствувале, или пак, уште подобро, ако остатоците од неа се се уште свежо погребани, ќе можеме да ги откопаме тие реликти и да ја оживееме уметноста, да и дадеме вистински сјај. Да воспоставиме една совршена комутативност помеѓу нас и уметноста, на која што таа ќе ни возврати со тоа што ќе ни даде штит, ќе ни даде покривка со која ќе не покрие, но сепак ќе ни го подаде в раце врутокот во кој слободно би можеле да ги излиеме сите наши чувства, на сметка на ликот кој го играме.
Но како обсерватори на нечија изведба, особено во областа на музиката, нејзиниот квалитет треба да го восприемаме не само степен на емоционална опфатеност, туку и да бидеме критични кон прецизноста на техничката изведба, издржаноста на тонот, на што музичарот би можел најмногу да се посвети доколку се дестилира од сопствените чувтсва и музиката ја доживее само како нешто што умее добро да го прави. Сите дурови и молови, сите тенута и вибрата, се само наша умешност и световна уметност, нешто што го правиме професионално добро... Делото е совршено изведено, со целосна ментална и физичка посветеност, без да бидиме заведени и изманипулирани од чувтсвата, од внатрешните превирања. А тогаш, изведбата не е само случајно поклопување на состојбите, туку е вистински квалитет.
Простата аналогија на сето ова би било чувството на моќ, трезвеноста на размислувањето, чувството на сигурност кога ние ги држиме конците во свои раце, конците на сопствената марионета. И по кој пат тоа ќе го потврди Тони Парсонс, велејќи: „Моќта ја има тој на кого врската не му е толку битна.“ По овој рецепт, можеме да посегнеме по заклучокот кој на многумина нема да им се допадне: ако ги апстрахираме чувствата како небитни и застранувачки, можеби и ќе постигнеме подобар квалитет во односите со луѓето.
No comments:
Post a Comment