Sunday, March 20, 2011

Во прангите на стравот

Што е навиката? Дали ја одразува човековата мрзливост и несигурност да ги менува работите? Човековата некадарност да го помести тежиштето на сопствениот универзум? Каква врска има навиката со стравот од неуспех, од неприфаќањето?

Ако гледаме така на работите, токму стравот од неуспех не втурнува во самиот неуспех. Непреземањето на никакви чекори, резервираноста на традиционалната хармоничност која секако е подобра од очајот, гневот, бесот, стравот, агонијата, а можеби и љубовта. Затоа што хармонијата стои на хоризонтот на совршениот баланс, а љубовта е нешто повеќе од тоа. Таа не се задоволува со состојба на медиокритет, таа разгорува нешто повеќе од просечноста на чувствата.

Целата оваа експозиција е во чест на навиката. Некои луѓе се навикнати на егзистирање во човечка симбиоза – исполнувањето на својот индивидуализам го гледаат единствено преку систематиката на целината. Дури и се помалку ја признаваат синергијата, бидејќи ја немаат својата индивидуална вредност како вредност која можат да ја споредат со функционирањето на системот. Се плашат да бидат сами, па после секое одвојување од љубовната колепка, секогаш имаат нов предмет на кој ја вкалемуват својата потреба од фасцинација, која според Едгар Морен, сите ние ја носиме во себе. Кај некои од нас, вистинскиот момент, или многу поначесто, погрешниот момент, е миг во кој еруптира тоа високосетилно чувство кое го носиме во себе. За оние личности кои се плашат од осаменоста, секој следен момент е „вистинскиот момент“. Овие луѓе се плашат од неуспех на нивното самостојно поимање.

Во другата крајност, припаѓаат оние кои многу долго време, под дистракција на доминацијата на други сфери во сопствениот живот, чувството за делување во некоја љубовна заедница речиси затапело. Тие, навикнати долг период да живеат сами, поначесто се доволни самите на себеси. За нив постои стравот од неуспехот на заедницата, кој си го припишуваат единствено себе, па затоа најсигурно се чувствуваат кога се наоѓаат во најповластена положба на контролирање на сите познати варијабли, кои се однесуваат единствено на личните потреби и идеи, исклучувајќи ја притоа љубовта, која е променлива која не е зададена од разумот, за разлика од претходните.

Само еден заклучок ми доаѓа на ум – склоноста и природниот инстинкт да се заштитиме себеси во некаков систем - било тоа да е соединување со некого, или ситем на индивидуално општење, не оттргнува од најскапоцената можност која ни ја нуди единственоста на постоењето на овој свет – можноста од доживување на нешто посилно, возвишение од чувтсва, вулкан од страсти, храм од топлина. Нашето срце е оковано и затворено никогаш да не ја провиде светлината на она што може самото да го наслика, да го ослободиме! Нашата револуција може да биде победничка!

No comments:

Post a Comment