Sunday, November 28, 2010

Јин-Јанг

Некои луѓе се чувствуваат сигурно закриени под златната капа на медиокритетот. Просечноста е целта на сите нивни достигнувања: просечен човек, просечен ученик, просечен работник, просечен сопружник. Но круната на социјализмот веќе не е она во кое сме заколнати, и кое не остава безгрижни во конформизмот дека нема никаква корист од некои дополнителни залагања, и дека не можеме да добиеме ништо повеќе од она што ни е `предодредено`.

Денешницата ни дава многу опции – широко поле во кое ние одбираме што ќе имаме и колку ќе имаме! Па зошто тогаш да се задоволиме со просечноста? Каде е тука креативноста на создавањето, на градењето кули, макар биле тоа и кули од карти, или песок...?

Има луѓе кои живеат од адреналинот на ризикот – тоа се борци–екстремисти кои ја одбираат опцијата за „сè или ништо“. Го одбираат пакетот кој вклучува сè и не се задоволуваат со ништо помалку. Добрата страна на тоа е дека не се залажуваат дека се чувствуваат добро и дека се среќни со тоа што го имаат, се борат за своите соништа, за своите желби, за своите идеали. Тие луѓе едноставно знаат што сакаат. Сепак, ако изгубат, знаат да го прифатат поразот. Зашто знаат дека тоа било нивна одлука. Патот кој тие го одбрале. Само една неуспешна етапа од нивната борба.

Од еден поинаков агол тоа би изгледало уште посиромашно, отколку во чевлите на оние кои си седат во своите фино исцртани квадратчиња - луѓето кои сакаат сè или ништо ја величат хроматиката на екстремите. Кај нив има само црно и бело. Нема нијанси, нема тонови, нема украси и залажувања. Но тоа се и боите на Јин-Јанг, кој пак е симболот на вечната борба, симболот на совршениот баланс, симболот на неуспешноста на неизбежното...

No comments:

Post a Comment