Зошто сме толку загрижени за статусот? Статус на врска, статус на брак, статус извештаи, статус на името, статус на порака... Зошто е воопшто важен статусот? Дали по секоја цена треба да тежнееме кон негово дефинирање?
Обично status quo и не е баш збор кој буди позитивна конотација. Но сепак, се работи за неутралност на работите, што и не е така лошо. Важно е дека не сме во негатива. Се уште има надеж за прогрес... Но дали токму конечното дефинирање на статусот не е она кое ни го скратува секое задоволство од можниот алтернативен контекст на работите? Кога еднаш ќе се заклучи, односно `додели` статусот, било во усна или писмена форма, мали се шансите за негово менување. Малку поголеми, сепак, во усната форма. Меѓутоа, колку богата може да биде дефиницијата кога се сведува само на еден збор? Дали вашиот живот, вашето битие можете и би сакале да го дефинирате само со еден збор? Да, навистина, статусот ни дава правна и морална сигурност, ни дава тло на кое можеме цврсто да застанеме, на кое можеме да поставиме темели и нешто да градиме. Но што е со неизвесноста, со вклучувањето на имагинацијата која може да изнајде илјада зборови и неброени сценарија за да и пркоси на едноличноста на статусот, кој најчесто лежи во тврдокорноста на некој свој термин и не знае за втора димензија.
Па затоа, некогаш, кога не би можеле да се избориме за некој статус, одржувањето на status quo можеби е и единствената опција. Честопати, оние кои чувствуваат аверзија кон статусот, се оние кои се нескротливи, оние кои освојуваат височини, кои живеат поинаку, оние кои не се плашат да чувствуваат. Тие го сметаат хоризонтот за сопка, за граница. Можеби аморфноста во која би живееле со нив би била ќе не напои со страст, уживање и ќе ни ги открие тајните на вистинското поимање...
No comments:
Post a Comment