Monday, November 22, 2010

Плукнати

Сигурно стотици пати ви кажале дека многу наликувате на некоја ваша блиска личност, најчесто од потесниот круг на семејството – на некој од вашите родители, баби и дедовци, тетки, чичковци, или, да не лутаме наоколу, туку на оние кои се најблиску до вас и вашата генеза, брат или сестра. И, гледајќи ги нив, низ нивните животи, дали се чувствувате дека вашата судбина е веќе режирана? Дали не се плашите дека идентичниот еквифиналитет води кон доследност на телеологичноста?

Безумно е да се размислува во правец на непогрешливо реплицирање на една животна патека од друга, но стравот сепак постои. Не сакаме да бидиме рефлексија на нашите родители или поблиски роднини, затоа што како што се вели, треба да учиме од туѓите грешки, а ние сме пораснале гледајќи ги нивните! Тоа е исто како кога знаете дека е нешто погрешно, дека нештото се прави поинаку, или се изговара поинаку, но сепак, во моментот кога доаѓате вие на ред да го изведете тоа, едноставно го повторувате! Дали може да се побегне од тоа?

Вистинското прашање е, дали се работи за генеза, нешто кое не можеме да го контролираме, или се работи за учење, воспитување, или едноставно растење во близина на тие стимули кои се вгнездуваат во нас и се претопуваат во инстиктивни реакции кои исто така, не можеме да ги контролираме? И дали ние ја правиме грешката? Или оние кои ни го оставаат тој непорачан аманет?

Можеби сепак, доколку не го сфатиме сето тоа како `судбина`, `пишанија` од која не се бега, можеме да ги превземеме работите во свои раце. Ако не се плашиме да бидеме свои, да расудуваме за себеси, едноставно, да се ослободиме од прангите со кои не оковува сличноста која не подразбира и идентичност. Во спротивно, заобиколувањето на јамата со страв, може да ја сврти гравитацијата како вртлог против нас и да не турне право во неа...

No comments:

Post a Comment