Елегијата по оние кои сме ги изгубиле ја пишуваме како тропар на безумието фаќајќи се за последната нишка на очајот – лицата кои се блиски до саканата личност, а со кои, благодарение на неа, сме воспоставиле блиски односи и по несреќното завршување на приказната, не можеме „туку така да ги прекинеме“ и покрај целата војна низ која сме поминале а во која секако, не важат правила и не се бираат средства. Како ефтин порок се потпираме на нив, сметајќи ги за спасители, повеќе за гласители, со надеж дека имаме повторно опиплива реалност различна од онаа во која ние сме отфрлени. На овој начин имаме повторно комуникација со минатото, препознаваме некои сличности, пренесуваме некои моменти, како да ни се оставени како аманет кој е сокровиште, но единствено за нас, за нашата душа. Се бориме, а мислиме скриено, но сепак толку очигледно, да се вратиме повторно на сцена. Како да му се умилкуваме на режисерот да ни ја врати улогата во таа љубовна сцена која е елемент на субјективните фактори на единственоста на моментот и знаеме дека никогаш нема да се повтори. Но тогаш не знаеме дека штиците во театарот се разнишани, нестабилни, тежат се повеќе и повеќе од нашиот неуспех, а публиката негодува. Се создава одбивност и кај актерите, па сме заменети со друга примадона која блеска во главната улога. Во очите на режисерот препознаваме отпрвин жал, која со нашето настојување преминува во сожалување. Стисокот на раката-спасител полека попушта. Се лизга, а ние се уште се надеваме дека една прегратка на сочувство може да ја подотвори вратата на надежта. Но не, оттаму наѕира само трула миризба на реликвиите кои се помрачени од сенките на заборавот.
Луѓе сме, сите сме исти скроени, постојано си го „земаме зборот“ еден на друг или пак си наоѓаме „сродни души“, како лик во огледало, како ехо врз планински врв... Што е она што не тера да постапуваме вака или онака? Да речеме нешто, или да премолчиме, да си заминеме без збор, или одеднаш да се појавиме? Тоа е мојата пасија... Во најмала рака, да откријам дали е непишано правило, или само моја имагинација...
Monday, November 22, 2010
Золва
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment