Сите оние кои талкаат низ животот барајќи партнер, љубовник, сопатник, се луѓе кои имаат отворени хоризонти, отворени срца, спремни се да погледнат надвор од „кутијата“, за да бидат свесни за своите можности, за никогаш да не се обвинуваат себеси за својата несвесност и невнимателност. Но колку е тоа правилно? Колку токму таквото видение на работите ни носи успех?
Дали не правиме грешка кога ја оставаме далекувидоста неизлечена? Затоа што понекогаш, се плашам да речам, доста често, во најблискиот видокруг замагленоста не ни дава да ја препознаеме личноста која ни е најдобар пријател, како актер кој совршено одговара на улогата на наш сопатник, на љубовник... Размислете, тој е веќе тука, не мора да правиме никакви напори и танталовски да очајуваме дека се уште не сме ја нашле „вистинската“ личност за себеси. Не познава подобро од било кој друг и секогаш е тука за нас.
Работата е половина завршена. Но, уште еден синдром на неговото височество „човеков ум“ настапува со парадоксална пируета и ликува со насмевка, навидум злокобна, но не, сепак насликана од акварелот на цинизам и самосожалување. Зошто да биде толку едноставно, кога може да биде сложено? Едноставноста ја преведуваме секогаш со нејзиниот синоним – простотија, а тоа го поистоветуваме со нешто кое е сиромашно, необилно, празно и неинтересно. А во таква слика не смееме да се замислиме себеси, тоа би значело пораз и откажување од трката по освојувањето на врвот на кој стои знамето на идеалот. Не ни треба книгата која веќе ни е прочитана, не ни треба чашата која е веќе испиена. Несвесни дека книгата може да ја прочитаме уште еднаш, и да ни донесе нови светлини, нови видици и нови радости, несвесни дека во чашата можеме да сипеме уште и да пиеме, до ненасит, остануваме само сиромашни и гладни номади кои вечно ќе талкаат и никогаш нема да најдат мир... Не треба да ги сожалувате, не им давајте леб! Дајте им го фенерот на Диоген!
No comments:
Post a Comment